Украинскиот претседател Володимир Зеленски започнал да го користи молдавскиот воздушен простор за своите летови кон Европа, пренесуваат украинските медиуми.
Досега, Зеленски за своите меѓународни патувања најчесто го користеше полскиот аеродром „Жешов-Јасионка“, кој има клучна логистичка улога за Киев од почетокот на војната. Меѓутоа, неговото последно патување за Лондон било реализирано преку главниот град на Молдавија, Кишињев.
Официјално објаснување за оваа ненадејна промена на рутата се уште не е соопштено од кабинетот на украинскиот претседател.
Медиумите во Украина наведуваат дека ваквиот потег е директна последица на сериозното заострување на односите меѓу Украина и Полска. Несогласувањата се интензивираа откако Зеленски на една украинска воена единица и додели почесна титула поврзана со УПА, што предизвика остри негодувања во Полска поради историските страдања на полското население во Втората светска војна.
Полските власти го оценија овој чекор како голема грешка и побараа јавно извинување, при што во Варшава веќе се размислува и за преиспитување на највисокото полско одликување кое претходно му беше доделено на Зеленски.
Од Киев апелираат на продолжување на дијалогот и фокус кон заедничките безбедносни предизвици, но промената на патиштата за патување покажува дека кризата меѓу двата сојузници се продлабочува.


