Компанијата „Макпрогрес“ денеска пушти во употреба нова фабрика за производство на вафли од брендот „Винчини“. Инвестицијата е вредна 8,5 милиони евра, а на свеченото отворање присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски.

Генералниот директор на „Винчини“, Глигор Цветанов, информира дека инвестицијата е реализирана со комбинација од сопствени средства и кредити од комерцијалните банки, вклучително и дел од унгарската кредитна линија обезбедена преку Владата.

Новиот погон ќе донесе и проширување на капацитетите во текот на следната година.

„Покрај првичните 40 вработувања, од кои некои се од постојните вработени, а други нови, в година се планирани уште 40 бидејќи ќе се удвои капацитетот на производство“ – најави Цветанов.

Објектот е изграден во период од шест месеци. Фабриката располага со две современи производни линии за вафли и сродни кондиторски производи, кои ќе бидат пласирани како на домашниот, така и на странските пазари.

Премиерот Христијан Мицкоски изрази импресионираност од напредокот на компанијата, која од скромен семеен бизнис прераснала во регионален гигант со промет од над 40 милиони евра, и најави натамошна поддршка за домашниот бизнис сектор.

„Компанијата е еден од темелите на македонската кондиторска индустрија. Како Влада ќе сториме сè што можеме за да помагаме ваков бизнис бидејќи 80 проценти е наменето за извоз. Ги сушнавме амбициите и целите и ќе сториме сè како Влада да помогнеме да бидеме додадена вредност во делот на реалзиација“ – рече Мицкоски.

Exit mobile version