Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека блокадата на Акцискиот план за малцинства од страна на Бугарија претставува политика која трае со децении, посочувајќи дека претходните политички елити во земјава не успеале да го препознаат тоа и направиле големи проблеми кои сегашната Влада ги решава еден по еден.

Одговарајќи на новинарско прашање за причините зад ваквиот чекор на официјална Софија, Мицкоски истакна дека за мотивите треба да се прашаат бугарските власти, но упати критики до претходното раководство во државата.

„Не знам. Тоа прашање ќе треба на нив да им го поставите затоа што претпоставувам таа политика трае со децении. Не е тоа политика којашто е од денес почната, за жал некои претходни политички елити кај нас тоа не успеаја да го препознаат и беа кратковиди и претпоставувам лекомислени, или се водеа од личните интереси мислејќи дека ако потпишат бел лист хартија, сите проблеми ќе бидат решени.“ – изјави Мицкоски.

Премиерот додаде дека во реалниот свет и во реалната политика работите не функционираат на тој начин, поради што сега државата се соочува со сериозни пречки.

Сепак, тој изрази оптимизам дека актуелната власт ќе успее да ги надмине овие предизвици и побара трпение од граѓаните.

„Тоа така не оди во реалниот свет и во реалната политика. За жал, направија големи проблеми, за жал ќе треба тие проблеми да ги решаваме и ги решаваме еден по еден. Но, ќе се бориме, впрочем тоа е нашата задача, да се бориме. Бргу и лесно ништо не доаѓа во животот, за сè треба да се изборите и да победите. Сме покажале дека знаеме да победуваме, ќе победиме и овој пат, само замолувам за трпение“ – порача премиерот, кој присуствуваше на отворањето на новата фабрика на „Макпрогрес“ во Виница.

Инаку, Мицкоски завчера информираше дека Акцискиот план за малцинства е веќе подготвен и усогласен со експерт од Европската комисија.

Документот има неофицијална поддршка од 26 земји-членки на Европската унија, со исклучок на една држава, која воедно се противи и на нашето учество во иницијативата Трите мориња.

Exit mobile version