Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска во законодавниот дом го презентираше извештајот за неговата двегодишна работа, во кој се сумирани постигнатите резултати и статистичките податоци за периодот од мај 2024 до мај 2026 година.

Според официјалниот извештај, во овој двегодишен период биле одржани вкупно 196 пленарни седници, усвоени се 710 акти и реализирани се 29 седници посветени на пратенички прашања, од кои 16 редовни. На меѓународен план, Собранието забележало 212 билатерални и 48 мултилатерални активности. Гаши потенцираше дека помалиот број на седници во споредба со минатиот мандат се должи на консолидација на агендата и избегнување на прекинати седници, со што е зголемена процедуралната ефикасност.

Во своето обраќање пред присутните, претседателот на Собранието ја истакна својата визија за законодавниот дом и одговорноста што ја носи јавната функција.

„Уште од првиот ден, мојата визија беше јасна – Собранието – дом за сите. Собрание што го олицетворува институционалното достоинство, што го штити плурализмот, што го зајакнува консензусот за стратешките прашања и што дејствува одговорно кон европските аспирации на државата. Се разбира, две години не се доволни за да се исполнат сите цели. Пред нас има уште многу работа, уште многу реформи што треба да се продлабочат и уште многу очекувања на граѓаните што треба да се исполнат. Но, цврсто верувам дека поставивме стабилни темели врз кои можеме да продолжеме да градиме“ – порача Гаши.

Тој додаде дека функцијата ја разбира како товар и возвишена мисија која бара транспарентност и отчетност пред пратениците и граѓаните.

„Отсекогаш сум верувал дека јавните функции не се мерат со моќта што ја даваат, туку со одговорноста којашто треба да ја сносиме на своите плеќи. А за мене, оваа должност не е само висока функција. Таа претставува голем товар на одговорност, возвишена мисија по својата светост, предизвикувачка по својата тежина, како и сериозна обврска кон очекувањата и довербата на граѓаните што ме избрале и на пратениците што ми го довериле раководењето. Затоа, ова не е свечена церемонија, туку израз на моето уверување дека секоја дадена доверба бара искрена отчетност за секоја одлука, секоја постапка и секоја минута посветена кон оваа мисија. Пред се претставува чин на одговорност, транспарентност и искрена почит кон вас, пратениците во ова Собрание, како и кон сите граѓани на Република Северна Македонија. Во текот на овие две години, секое утро влегував во оваа институција со посветеност како тој ден да е мојата последна възможност да направам нешто добро за неа, а секоја вечер размислував и планирав за неа како да ќе ѝ служам засекогаш“ – рече тој.

Во однос на зајакнувањето на институционалната доверба и демократските предизвици, Гаши ја нагласи улогата на Собранието како центар за дијалог.

„Живееме во време кога демократиите ширум светот се соочуваат со нови предизвици. Институционалната доверба секојдневно се тестира, а граѓаните бараат поголема одговорност, поголема транспарентност и повеќе достоинство во претставувањето. Токму во овој контекст, раководењето со Собранието бараше трпение, дијалог, визија и одговорност. Собранието е срцето на демократското одлучување. Тоа е местото каде што се судираат аргументите, каде што се градат компромиси и каде што се артикулира волјата на граѓаните. Поради тоа, во текот на овие две години се обидував секој ангажман да биде, пред сè, во функција на зајакнување на улогата на Собранието како централен институт на нашата демократија“ – нагласи собранискиот спикер.

Понатаму во извештајот се нотира енормно зголемување на бројот на пратенички прашања и интерпелации, како и засилен интензитет во парламентарната дипломатија. На крајот, прашан за отсуството на опозициските пратеници на оваа презентација, Гаши појасни дека ги поканил сите уште за време на заедничката координација.

„Секогаш сум се трудел да бидам инклузивен во овој дел, но нивна е одлуката да не дојдат денеска тука. Јас ќе ја почитувам и таа одлука“ – заклучи Африм Гаши.

Exit mobile version