Опозициската СДСМ ја презентираше својата нова програмска платформа насловена „Твоја држава, твоја шанса“, со која партијата најавува нова фаза на дејствување на политичката сцена.

На прес-конференцијата, портпаролката и членка на Извршниот одбор на партијата, Богданка Кузеска, ги образложи клучните насоки на оваа стратегија.

„Со „Скопската иницијатива“ и платформата „Твоја држава, твоја шанса“ СДСМ започнува нова етапа на политичко дејствување. Етапа заснована на вредностите на социјалдемократијата, борбата за подобар животен стандард, борба против корупцијата и за европска иднина за Македонија“ – рече на Богданка Кузеска, портпаролка и членка на Извшрниот одбор на СДСМ, на прес-конференција што МИА ја објавува интегрално.

Според партиското соопштение, новата платформа има за цел да понуди визија за праведна држава во која институциите работат за интересите на граѓаните, со посебен фокус на младите луѓе и спречување на нивното иселување. Документот предвидува конкретни мерки за поддршка во вработувањето, повисоки плати, достапно домување и модерни студентски стандарди без партиско влијание.

Како еден од најголемите предизвици во општеството е лоцирана борбата против корупцијата. Од СДСМ предлагаат донесување нов антикорупциски закон, ветинг за сите функционери, проверка на потеклото на имотот и целосна дигитализација на услугите за да се спречи партизацијата на институциите.

На економски план, стратегијата најавува решенија за раст на платите и пензиите, заштита на работничките права, правично оданочување и поддршка за домашното производство и земјоделците. Преку „Скопската иницијатива“ партијата ја истакнува својата улога на обединувач против популизмот и национализмот, кои ја оддалечуваат државата од европскиот пат.

На крајот се потенцира дека СДСМ нуди визија за обединување околу државните интереси преку таканаречен Фронт за вистина и правда. Овој фронт е замислен како широко, надпартиско општествено движење отворено за соработка со сите граѓани, организации, интелектуалци и синдикати.

Exit mobile version