Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, преку социјалните мрежи упати трогателна порака и се збогуваше со легендарниот македонски музичар Владо Јаневски, кој почина вечерва по кратко боледување.

Ѓорѓиевски со голема тага се присети на личниот сооднос и на поддршката што ја добил од музичката легенда во минатото.

„Патувај мирно, пријателе! Денес замина човекот со чиј глас, енергија и песни пораснаа цели генерации. Човек кој беше дел од нашите спомени, од нашите младости, од нашите радости и таги. Замина голем човек, кој со еден збор ми ги отстапи правата на неповторливиот хит „Ова е само наше Скопје“ – песна која заедно со Пајак и 2Бона ја преработија, доби нов живот и стана химна на мојата кампања. Тоа никогаш нема да го заборавам. Ти благодарам, пријателе. Ти благодарам, голем човеку“, напиша Ѓорѓиевски.

Во своето емотивно обраќање, тој ги наброја и безвременските рефрени по кои македонската јавност вечно ќе го памети кантавторот.

„Ти беше човекот кој го прослави „црното тиквешко“, кој ни остави „Евергрин“ што никогаш нема да избледе, кој ни пееше дека „Дома си е дома“ и дека „Некогаш и негде“ секој од нас носи своја приказна, своја болка, своја љубов и свој пат. Денес заминува дел од едно време. Дел од една генерација. Дел од сите нас“, додава тој.

Градоначалникот потенцираше дека и покрај физичкото заминување, музичкото творештво на Јаневски останува бесмртно за идните генерации.

„Но песните не умираат. Гласот останува. Споменот останува. Пријателството останува. Некогаш, повторно ќе се сретнеме, пријателе. До тогаш, за спомен остануваат твоите песни, твојата добрина и твојата големина. Вечна ти слава и благодарам за сѐ!“, заклучува Ѓорѓиевски во својата објава.

Exit mobile version