Забрана за приближување, целосно одвојување на насилниците и забрана за каков било меѓусебен контакт или комуникација со жртвата се итните мерки на претпазливост кои Обвинителството побара од судот експресно да ги одреди за четирите малолетни лица инволвирани во бруталниот напад во Аеродром.

Инцидентот се случи на крајот на минатиот месец на игралиште зад трговски центар во Скопје кога група тинејџери извршија грубо врсничко насилство, принудувајќи 12-годишно девојче да клекне и да им се извинува, додека крвнички ја удирале со шлаканици, ја влечеле за коса и целиот чин на понижување неовластено го снимале со мобилен телефон.

Јавен обвинител од Одделението за малолетници при ОЈО Скопје поднесе официјално барање до надлежниот судија за деца за поведување подготвителна постапка против две 14-годишни девојчиња за кривично дело „насилство“ по член 386 од Кривичниот законик. Со истата постапка се опфатени и две момчиња на возраст од 14 и 15 години за помагање и за „неовластено снимање“ по член 152.

Фокусот на обвинителството во овој момент е ставен на максимална правна заштита на претрауматизираната жртва и нејзината другарка која била сведок, со цел да се спречи насилниците повторно да се организираат, да комуницираат меѓу себе или на кој било начин да влијаат врз понатамошниот тек на истрагата.

  • „Јавниот обвинител побара од судот во текот на постапката да биде определена и мерка на претпазливост – забрана на децата во судир со законот да се приближуваат или воспоставуваат и одржуваат контакти и врски помеѓу себе и со жртвата. Јавен обвинител од Одделението за малолетници при Основното јавно обвинителство Скопје до надлежниот судија за деца поднесе барање да се поведе подготвителна постапка против две 14-годишни девојчиња за кои постои основано сомнение дека извршиле дејствие кое со закон е предвидено како кривично дело – Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. За еден 15-годишник се бара подготвителна постапка за помагање при извршување на тоа кривично дело, како и за – Неовластено снимање од член 152 став 1 од Кривичниот законик. За неовластеното снимање е побарана подготвителна постапка и за уште еден малолетник на возраст од 14 години“, соопштуваат од Обвинителството.
Exit mobile version