Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, во одговор на новинарско прашање денеска оцени дека градоначалникот Биљал Касами ќе најде најдобро решение откако во албанскиот политички блок одреден период се води јавна полемика на тема преименувањето на улиците во градот, а во прашање е доведено и функционирање на Советот.
Истакнувањето на политички ставови на оваа тема се интензивираше откако минатиот месец Уставниот суд одлучи дека Советот на Општина Тетово во 2007 година со неуставна одлука извршил преименување на улиците.
„Јас сум убеден дека градоначалникот Касами, ќе го најде најдоброто решение. Тој е исклучително паметен и прагматичен човек и во соработка со сите чинители во Општина Тетово ќе го најде најдоброто решение, убеден сум во тоа, а ние имаме одлична соработка и таа соработка ќе продолжи и во следниот период. Знам дека на многумина им смета тоа и не се среќни особено од опозицијата, но оваа Влада покажа дека може да испорачува“, рече Николоски.
Оваа недела ДУИ поднесе барање Советот на Општина Тетово на 13 јули да расправа по предлог-одлука за именување и преименување на улиците, плоштадите и јавните површини на територијата на Општина Тетово. Според законските одредби доколку предлог одлуката на ДУИ биде прифатена и изгласана, Советот на Општина Тетово треба да се распушти и да има нов избор, за што став изнесе и првиот човек на општината.
„Се работи за предлог одлука која е финална. Процесот за именување на улици е треба да биде демократски и согласно Уставот и законот. Предлог одлуката кој е предложена од ДУИ е во финална фаза. Од кога ќе се поминат сите дебати, предлози од граѓаните по закон и нели да се помине и во Владата да се даде согласност и после се доаѓа до одлуката која сега е предложена од ДУИ. Ако се оди со таа одлука и Советот советниците одлучија да ја прифатат автоматски, според некои наши согледување од експертите од правната фела, кажуваат дека советот автоматски оди на реизбор“, рече Касами.
Во Советот на Општина Тетово ДУИ е во опозиција, а мнозинството од 16 од вкупно 31 советник го имаат коалицијата „Вреди“ и ВМРО-ДПМНЕ.
Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски во неколку наврати истакна дека има коалициски договор, според кој улици кои веќе имаат име да не се менуваат, а ќе се именуваат нови улици со број, според актуелната постапка што ја води Општина Тетово, која не е поврзана со поништената одлука на Советот од 2007 година.


