На барање на македонското Министерство за надворешни работи, вчера се одржа официјална средба со претставник на Амбасадата на Република Албанија во земјава. Како што информираат од МНР, средбата беше организирана во духот на пријателските односи и со цел разјаснување на настанот што се случи на граничниот премин Ќафасан, при кој на државјани на Македонија не им беше дозволен влез во Албанија.

Од МНР потенцираат дека на средбата беше побарана официјална информација од албанските власти за причините за одбивањето на влез на македонските граѓани. Настанот предизвика реакции и од политичката партија ВЛЕН, која побара од Тирана официјален одговор. Случајот се однесува на 8 јули, кога пратениците Беким Ќоку и Аднан Азизи, заедно со заменик генералниот секретар на владата Хасим Муртезани, беа задржани на преминот околу еден час, а на едно лице од придружбата не му беше дозволен влез поради законски пречки.

Во меѓувреме, генералниот директор на албанската државна полиција, Скендер Хита, на прес-конференција нагласи дека граничната полиција постапила во согласност со законските процедури.

„Генералниот директор на албанската државна полиција, Скендер Хита, изјави дека Граничната полиција „постапила согласно законот во случајот пријавен вчера на граничниот премин „Ќафасан”, каде на едно лице не му било дозволено да влезе на албанска територија поради законски пречки”.“

Хита појасни дека на граничниот премин се појавиле четири лица, од кои три имале дипломатски пасоши и за нив немало никаква пречка.

„Три лица со дипломатски пасоши беа информирани дека можат да го продолжат своето патување. Другото лице, кое беше во нивно друштво, имаше законски пречки на границата и не можеше да патува во Албанија, рече тој.“

Директорот на албанската полиција додаде дека останатите тројца одлучиле да се вратат во Македонија, и ситуацијата била решена без понатамошни инциденти, потенцирајќи дека вакви случаи не се изолирани, туку се дел од секојдневната работа на граничните структури.

„Во текот на 2025 година, идентификувани се 625 слични случаи, додека само во првата половина од оваа година, регистрирани се 425 случаи, рече тој.“

Хита истакна дека државната и граничната полиција остануваат гарант за спроведување на законските прописи и дека нема простор за загриженост кај граѓаните во врска со нивните должности на граничните премини. Овој инцидент, иако привремено предизвика реакции, според албанските власти е пример за строго придржување кон законските процедури, особено кога станува збор за безбедноста и легалниот статус на лицата што влегуваат во земјата.

Exit mobile version