Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, упати остар одговор до својот хрватски колега Зоран Милановиќ, по неговите изјави за „вооружувањето на Србија со офанзивно оружје“. Коментирајќи ја пораката од Загреб дека треба да внимава на своите изјави, Вучиќ возврати дека Хрватска е таа што треба да внимава на своите постапки.
Српскиот претседател нагласи дека неговиот легитимитет доаѓа исклучиво од српскиот народ и дека нема да прифаќа сугестии од соседството.
„Се викам Александар Вучиќ и јас сум горд претседател на Србија. Нема да ми каже хрватскиот претседател или некој друг што ќе кажам. Сакаме и ќе имаме мир и многу подобри односи со нив, иако ми кажаа секакви непријатни работи“, изјави Вучиќ.
Тој додаде дека Србија останува на патот на мирот и стабилноста, но истовремено продолжува со зајакнување на сопствените капацитети.

