Сообраќајот на државните патишта утрово се одвива во зимски услови по претежно влажни коловози. Според информациите од АМСМ, на патниот правец Тетово – Скопје има намалена видливост до 100 метри поради појава на магла. На Попова Шапка се бележат врнежи од снег со среден интензитет, кои засега не го попречуваат движењето на возилата, додека на планинскиот превој Пресека има врнежи од лапавица.
Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а сите патни правци во земјава се проодни. На граничните премини нема задржувања за влез или излез од државата.
Од АМСМ апелираат до возачите за внимателност и прилагодена брзина, особено во пределите каде е можна појава на одрони:
„АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.“

