Поранешниот премиер Никола Груевски преку социјалните мрежи сподели стручна анализа за решавање на проблемот со енормното загадување на воздухот во Македонија. Повикувајќи се на истражувањата на неговиот татко, проф. д-р Тало Груевски, тој посочува дека клучот лежи во промена на начинот на кој се подготвуваат дрвата за греење, кои се одговорни за 65-70% од вкупното загадување.

Според предлогот, потребни се два итни чекори: задолжително „откоренување“ на дрвото веднаш по сечењето и негово правилно сушење до влажност од 15-20% пред продажбата. Груевски појаснува дека кората содржи 20 пати повеќе пепел и најопасни хемиски материи, додека влажното дрво испушта до 11 пати повеќе штетни честички.

„Кората придонесува непропорционално кон емисиите поради нејзината 20 пати поголема содржина на пепел и различниот хемиски состав. Нејзиното отстранување ќе ги елиминира штетните материи кои преку воздухот навлегуваат во крвта и органите. Правилното сушење пак, освен што ја удвојува калоричната моќ, силно влијае на намалувањето на емисиите“, пишува поранешниот премиер.

Груевски апелира до „Македонски шуми“ веднаш да набават машини за откоренување и да воведат нови процедури, тврдејќи дека доколку се делува брзо, ефектите врз здравјето на граѓаните ќе се почувствуваат уште следната грејна сезона.

Exit mobile version