„Од влезната врата излегуваше само чад, а внатре имаше многу деца кои бараа помош“, со овие зборови командирот на пожарникарите од Кочани, Драган Апостолов, ја опиша сцената што ја затекол во дискотеката „Пулс“. На денешното рочиште тој откри дека целата единица со девет возила била ангажирана во битката со пламените јазици.

Апостолов детално објасни како пожарникарите со „водени лепези“ се обидувале да ја намалат температурата за да можат да ги извлекуваат преживеаните до „црвениот тепих“, каде ги преземале екипите на брзата помош.

„По пристигнување во 2:55 веднаш се упатив во објектот. Огнот беше распламтен внатре, гореше плафонот, шанкот и бината. Јас со млазот вода влегов внатре и правев лепеза од вода за да се намали температурата, да не не пеплоса огнот сите, додека останатите извлекуваа лица“, појасни сведокот.

Во своето сведочење тој потврди дека внатрешниот хидрант бил неупотреблив бидејќи му недостасувал клучниот дел – вентилот. Покрај Апостолов, за денешното рочиште е предвидено сослушување на уште четворица сведоци за трагедијата во која минатата година животот го загубија 63 лица, а која се случи поради нелегално работење на објектот и активирање пиротехника без дозвола.

Exit mobile version