Командирот на територијалната противпожарна единица од Кочани, Драган Апостолов, денеска во судницата во Идризово даде потресен исказ за кобната ноќ во дискотеката „Пулс“. Тој појасни дека интервенцијата почнала во 2:55 часот, при што веднаш била побарана помош од соседните градови поради силината на огнот кој веќе ги зафатил плафонот, шанкот и бината.

Апостолов опиша дека гаснењето било исклучително тешко, а безбедносната опрема во самиот објект била нефункционална. Тој посочи дека и покрај заштитната опрема, и сам се здобил со изгореници поради екстремно високата температура.

„Гаснењето беше многу отежнато. Пред тоалетот имаше сандаче хидрант, внатре имаше црево, но немаше вентил и не можевме да го користиме. Имаше и расфрлани употребени пп апарати од девет килограми“, изјави Апостолов пред судот.

Командирот истакна дека најголемиот број починати и повредени биле пронајдени во тесниот ходник пред главната врата. По локализирањето на пожарот околу 4:30 часот, со дозвола на обвинител, биле извлечени уште три изгорени тела. Според неговото сведочење, кај задната врата на објектот немало настрадани лица, туку целиот метеж бил концентриран на главниот влез.

Exit mobile version