Сообраќајот на државните патишта во земјава се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, информираат од Авто – мото сојузот на Македонија.

Врнежи од снег се бележат на Попова Шапка, со задржување на снег на коловозот на патниот правец од селото Лисец кон Попова Шапка.

Намалена видливост поради појава на магла има на повеќе патни правци и тоа до 80 метри на патот Штип – Неготино кај Серта, до 50 метри во Крушево, до 100 метри на планинскиот премин Стража и до 50 метри кај Маврово.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Exit mobile version