Првата сабота од Велигденските пости е посветена на Светиот великомаченик Теодор Тирон, празник кај народот познат како Тодорица или Тодорова сабота. Овој ден е исполнет со необични и автентични македонски обичаи, од кои најинтересните се поврзани со младите девојки и нивната желба да го дознаат својот иден сопруг.
Според записите на Марко Цепенков, девојките во петок навечер го зачувуваат првиот залак од вечерата и го ставаат под перницата. Се верува дека момчето кое ќе го сонат таа ноќ, ќе им биде судено за маж. Во Битола, пак, мајките „краделе“ три зрна пченица од црквата за да им ги стават на ќерките под перница за среќен сон.
Овој празник се смета и за ден на „бендисувањето“. Во минатото, во Гостивар на овој ден момите и ергените излегувале во најубавите носии низ градот за да се запознаат, поради што Тодорица останала запаметена како метафора на љубовта.

