Православните верници во недела, 27 септември, го слават големиот празник Крстовден, односно Воздвижението на чесниот крст, кој се празнува во чест на наоѓањето на крстот врз кој бил распнат Исус Христос и неговото враќање од Персија во Ерусалим.
Празникот потсетува на историскиот настанот кога бил ископан Светиот крст на Голгота, а поради неговата чудотворност во народот е познат и како животворен крст. Во текот на годината се одбележува двапати, на 18 јануари и на 27 септември.
Според традицијата, на овој ден верниците се придржуваат кон строг пост на леб и вода, во согласност со народната поговорка: „Кој со крст се крсти, тој Крстовден го пости“. Во некои краишта постои и обичај овој ден да се испоти со јадење само грозје и леб.
Во црквите традиционално се осветуваат босилек, грозје, жито и јаболка. Осветениот босилек се чува покрај иконите како света билка за која се верува дека ја чисти душата и ја уништува негативната енергија, додека јадењето грозје симболизира плодност и бериќет.
Народот со векови пренесува и бројни обичаи и верувања. Така, се верува дека луѓето родени на овој ден на своите плеќи ја носат сенката на Светиот крст и се особено одговорни пред Бога. Меѓу староседелските обичаи е и премачкувањето на добитокот со катран во форма на крст за заштита од болести, како и верувањето дека змиите се повлекуваат бидејќи мируваат на Крстовден.
Покрај тоа, се верува дека времето на овој празник ја отсликува целата идна година: – Ако е облачно на Крстовден, зимата ќе биде богата со снег, а ако е суво, следната година ќе биде суво. – Ако до Крстовден ластовичките не заминат на југ, нема да биде многу студена зимата. – Тивкиот дожд на Крстовден предвидува блага зима. – Грмотевица на Крстовден навестува плодна година. – Ако на Крстовден е облачно, зимата ќе биде снежна. Ако денот е ведар, тогаш зимата ќе биде сува и студена.
Според народното верување, ноќта спроти Крстовден Бог слегува на земјата и ги исполнува желбите на луѓето, па се верува дека сите искрени молитви ќе бидат слушнати.


