Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вечерва во Охрид се обрати на отворањето на 17. Меѓународна научна конференција „Безбедност 2030: Ера на паметни технологии, отпорни општества, ризици и предизвици“, во организација на Факултетот за безбедност – Скопје и со поддршка на МВР.
Тој истакна дека темата на собирот ја отсликува современата реалност во која технологијата се развива со голема брзина, додека безбедносните ризици се менуваат. Според него, институциите не можат да одговорат на новите предизвици со стари решенија.
,,Темата на конференцијата многу прецизно го отсликува времето во кое живееме. Технологијата се развива со огромна брзина, безбедносните ризици се менуваат, а пред институциите постојано се појавуваат нови предизвици на кои не можеме да одговориме со стари решенија“, изјави Тошковски.
Министерот подвлече дека науката и практиката мора да чекорат заедно, нагласувајќи дека одлуките во безбедносниот сектор мора да се темелат на знаење, стручност и реално искуство.
,,Токму затоа науката и практиката мора да одат заедно. Науката е мотор на практиката, а одлуките во безбедносниот сектор мора да се темелат на знаење, стручност, истражување и реално искуство. За Министерството за внатрешни работи ваквите научни средби не се само место за академска дебата, туку можност новите сознанија и добрите практики да најдат примена во секојдневното полициско работење“, порача тој.
Тошковски нагласи дека паметните технологии отвораат можности за поефикасно полициско постапување, но носат и нови ризици, поради што се потребни добро обучени службеници и модерни институции. На крајот, тој им посака успешна работа на учесниците и заклучоци што ќе помогнат за навремена подготовка пред идните предизвици.


