Македонскиот образовен систем се враќа на листата на клучни државни приоритети, со што дефинитивно се става крај на долгогодишниот хаос и неизвесноста со кои се соочуваа просветните работници и учениците. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку партиско соопштение истакнуваат дека за разлика од претходното седумгодишно лошо менаџирање, денес е воспоставен стабилен систем кој гарантира редовни учебници и предвидливо вреднување на наставниот труд.

Како што посочуваат од партијата, втора година по ред учениците ги дочекуваат потребните материјали за учење уште на самиот старт на учебната година, а по подолг период се обезбедени и учебници по странски јазици. Според нивните тврдења, со воведувањето на новите набавни процедури по значително пониски цени, во државната каса само по овој основ во изминативе две години се генерирани сериозни финансиски заштеди.

Во делот на дигитализацијата и модернизацијата, од таму алармираат дека образовниот процес забрзано се трансформира преку опремување на над 160 училишта со ИТ опрема, воведување на нов е-дневник и електронски свидетелства, како и обука на наставниот кадар за соодветна примена на вештачката интелигенција.

Во официјалното соопштение на партијата детално се разработени бројките за заштедите на учебниците и кариерниот напредок на наставниците:

„За разлика од претходните седум години власт на СДС, кога имаше учебни години без отпечатени учебници, денес над еден милион примероци се на училишните клупи и истите се набавени по значително пониски цени, со што само во последните две години се заштедени околу 45 милиони денари. Втора година по ред, учебниците за сите одделенија ги дочекаа учениците уште на првиот училиштен ден и за првпат по седум години, учениците повторно добија учебници по странски јазици. Од друга страна, спротивно на минатото, кога платите се покачуваа исклучиво пред избори и никој не знаеше колку ќе изнесува покачувањето, денес постои јасен и предвидлив систем кој го вреднува и достоинствено го плаќа трудот на наставниот кадар и, со избор на звањата ментор и советник, се овозможи кариерен напредок за наставниците и стручните соработници во средното образование.“

Потпишана спогодба со СОНК: Платите повисоки за 40 до 60 отсто

Од владејачката партија се осврнуваат и на социјалниот дијалог со синдикатите, потенцирајќи дека новата спогодба нуди долгорочна финансиска сигурност за вработените во образованието, независно од политичките циклуси во земјава.

„Со потпишаната спогодба со СОНК, во зависност од инфлацијата, обезбедено е гарантирано зголемување на платите во следните четири години од 40 до 60 проценти, со што само во првите две години платите на сите вработени во образованието се зголемија за повеќе од 20 проценти.“

Инвестиции од 70 милиони евра во инфраструктура и зголемен број асистенти

Во однос на капиталните инвестиции и инклузивноста во училиштата, во соопштението се потенцира дека фокусот во првата година од мандатот бил ставен на обнова на објектите, но и на сериозна поддршка за учениците со попреченост.

„Посебно внимание се посвети и на образовната инфраструктура, при што само во првата година од мандатот се инвестирани над 70 милиони евра во нови училишта, спортски сали, реконструкции и проширување на училишни капацитети. Посебно внимание е посветено на инклузивното образование и за таа цел за прв пат се воведоа 150 образовни асистенти во средното и од 800 на 1.350 се зголеми нивният број во основно образование. Владата несебично се вложи за подобрување на состојбите, покажа одговорна политика и сериозни инвестиции кои го враќаат достоинството и квалитетот во образованието.“

Exit mobile version