ВМРО-ДПМНЕ го критикува лидерот на СДСМ, Венко Филипче, и опозициската партија, оценувајќи дека нивната политика се сведува на спротивставување на ставовите на власта, без, како што наведуваат, јасна визија и конкретни предлози за граѓаните.
„Таквата политика, наместо консолидација и создавање сериозна опозициска алтернатива, на СДС му донесе дополнителни поделби, раздор и партиски дебакл“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија тврдат дека во СДСМ има внатрешни поделби и борба за превласт меѓу различни фракции.
„Наместо да се обединат во една опозициска опција, за каква што има потреба Македонија, со јасни и аргументирани ставови, со предлози и издржани критики, секој во СДС си гледа за себе, а најмногу Филипче“, се наведува во реакцијата.
ВМРО-ДПМНЕ го обвинува Филипче дека се спротивставува на секој што има поинаков став, а неговата политика ја оценува како „погубна за СДС“.
Од партијата велат дека внатрешните состојби во СДСМ се партиска работа, но додаваат дека слабеењето на опозицијата не е добро за демократскиот процес и за државата.
„На Македонија ѝ треба силна, консолидирана и согласна опозиција, која ќе биде коректив на власта“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во реакцијата партијата му порачува на СДСМ дека граѓаните на изборите ја дале својата доверба на ВМРО-ДПМНЕ, а на СДСМ му испратиле, како што велат, „црвен картон“.
ВМРО-ДПМНЕ заклучува дека, доколку Филипче сака да ја консолидира и стабилизира партијата, треба да ја напушти политиката на, како што ја нарекуваат, „исклучиво против“ и да понуди јасна политичка визија.


