Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, в петок ќе допатува во Скопје, во рамки на нејзината турнеја низ земјите од Западен Балкан.

За време на посетата, Фон дер Лајен ќе се сретне со претседателката Гордана Силјановска-Давкова и со премиерот Христијан Мицкоски. На средбите ќе се разговара за европската перспектива на земјава и регионот, како и за процесот на пристапување кон Европската Унија.

Се очекува една од темите да биде и спорот со Бугарија и можностите за негово надминување.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во пресрет на посетата изјави дека земјава сака решение со Бугарија кое ќе обезбеди предвидливост и сигурност во евроинтегративниот процес.

Според Муцунски, постои интерес од европските институции и од одредени земји членки да помогнат во интензивирањето на дијалогот. Тој, сепак, повтори дека позицијата на македонската страна е јасна и дека во моментов нема услови за уставни измени поради, како што наведе, позиционирањето на Бугарија.

Тој оцени дека билатералните контакти со Софија досега не донеле напредок и дека е потребно поголемо ангажирање од Европската Унија. Во тој контекст, Муцунски ја оцени посетата на Фон дер Лајен како можност за поконкретен разговор и за ова прашање.

Турнејата на Фон дер Лајен низ Западен Балкан ќе започне на 30 септември во Албанија, по што таа ќе ги посети Косово и Црна Гора.

Србија и Босна и Херцеговина овојпат не се вклучени во агендата. Според Европската комисија, причината е одржувањето избори во двете земји. Во Србија предвремените парламентарни избори се закажани за 25 октомври, додека во Босна и Херцеговина општите избори ќе се одржат на 4 октомври.

Exit mobile version