Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли обвинувањата од СДСМ за бројноста на владината делегација во Њујорк, оценувајќи дека токму за време на владите на СДСМ и ДУИ делегациите биле многубројни.

Во интервју за емисијата „Под лупа“ на ТВ „Алфа“, Мицкоски рече дека за време на владите на Зоран Заев и Димитар Ковачевски во Њујорк оделе по околу 50 лица, но, како што оцени, без резултати.

„Кога од СДС ќе обвинуваат за масовна делегација, ќе потсетам дека со владите на Заев и Ковачевски оделе по 50-тина луѓе, но без резултати“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека актуелната делегација е значително помала од таа бројка и дека присуството на повеќе претставници било поврзано со различните активности во рамки на Генералното собрание на Обединетите нации и паралелните економски настани.

Мицкоски посочи дека на дел од настаните учествувале министерот за спорт и млади Борко Сали и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, додека на економските настани присуствувала и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

„Тоа е сериозен настан, еден таков во годината што се одржува, и се разбира дека е потребна логистика и има повеќе настани на коишто повеќе луѓе треба да бидат присутни“, рече премиерот.

Exit mobile version