Цените на нафтата денеска пораснаа втор ден по ред, при што европската нафта Брент се искачи над 107 долари за барел. Главна причина за растот се стравувањата на пазарите дека конфликтот на Блискиот Исток би можел да се одолговлекува, и покрај обновените дипломатски напори за намалување на тензиите.
Според податоците што ги објави Си-Ен-Би-Си (CNBC), фјучерсите за сурова нафта Брент од Северното Море за испорака во ноември пораснаа за 1,73 отсто и достигнаа 107,10 долари за барел. Во исто време, американската WTI нафта забележа раст од 1,58 отсто, достигајќи 94,06 долари.
Во меѓувреме, според извештаите на медиумите, САД и Иран водат одделни индиректни разговори преку медијатори во нов обид да се стави крај на кризата. Иран водел индиректни разговори со САД во Њујорк преку катарски медијатори, објави Ал Џезира.
На берзите во Европа, октомвриските фјучерси за гас се тргуваа по 71,660 евра за мегават-час на отворањето на берзата ТТФ во Амстердам. Основните европски берзански индекси бележат мешани движења, додека приносите на 10-годишните државни обврзници на еврозоната се задржаа на 3,64 отсто, што претставува највисоко ниво од 2009 година.


