ВМРО-ДПМНЕ го повика Венко Филипче да ги достави до надлежните институции сите информации и докази што ги поседува во врска со наводите за можна злоупотреба при набавката на хеликоптери.
Од партијата велат дека Филипче јавно изнел сомнежи во врска со набавката и договорот за хеликоптери, при што посочил разлика од 37 милиони евра.
„Филипче излезе во јавност со обвинувања за наводен криминал од 37 милиони евра, а сега молчи и се крие“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека сериозни обвинувања за можна злоупотреба на јавни средства не треба да бидат предмет на внатрепартиски пресметки, туку да бидат пријавени и институционално проверени.
„Граѓаните имаат право да знаат кој носел одлуки, кој ги одобрил набавките и дали државниот буџет бил оштетен“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата очекуваат надлежните институции да постапат по наводите и да ги испитаат сите околности поврзани со набавката.
ВМРО-ДПМНЕ го повикува и Јавното обвинителство да ги провери информациите со кои располага Филипче и, доколку е потребно, да го повика на разговор за да ги презентира сознанијата што ги поседува.
Од партијата се повикуваат и на член 364 од Кривичниот законик, кој се однесува на непријавување кривично дело или сторител, посочувајќи дека доколку постојат сознанија за сторено кривично дело, тие треба да бидат доставени до надлежните институции.


