Со повод Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври, од ВМРО-ДПМНЕ упатија честитка до граѓаните, потсетувајќи на историското значење на создавањето на Македонската револуционерна организација во 1893 година.
Од партијата посочуваат дека Организацијата, која низ годините дејствувала под различни имиња но со еден единствен код – ВМРО, останува главен организатор на македонската револуционерна борба и симбол на слободата, автономијата и националното достоинство.
„Македонските револуционери ги поставија темелите на борбата за слобода, национално достоинство и право македонскиот народ сам да ја гради својата иднина, слободно да ги чува и негува своите традиции, јазик, култура и национална посебност, достоинствено и рамо до рамо со европските народи“, стои во честитката.
Во партиската реакција се нагласува дека денешната слобода и државност претставуваат аманет и обврска кон сите генерации што се бореле и страдале за Македонија.
„Наше е да ја градиме државата со чесност, знаење, труд и одговорност, да се стремиме кон правда, демократија и просперитет, да создаваме општество во кое младите ќе имаат причина да останат, да учат, да работат и да ја остваруваат својата иднина во сопствената татковина“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата порачуваат дека 23 Октомври треба да биде потсетник оти љубовта кон татковината, почитта кон историјата и грижата за идните поколенија се вредности што обединуваат, повикувајќи на зачувување на наследството што го оставиле предците за слободна и просперитетна Македонија.

