На денешната вонредна седница, Владата донесе пакет мерки со кои директно се интервенира во цената на нафтените деривати, со цел да се заштити стандардот на граѓаните од глобалните ценовни шокови предизвикани од тензиите на Блискиот Исток.
Премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција соопшти дека Владата одлучила да ги намали акцизите: за 4 денари по литар за дизелот и за 2 денара по литар за безоловните бензини (95 и 98 октани). Дополнително,донесена е одлука Данокот на додадена вредност (ДДВ) за горивата да остане намален од 18 на 10 отсто сè до завршувањето на кризната состојба, која истекува на 20 април.
Мицкоски појасни дека доколку Владата не реагирала со овие мерки, цената на дизелот ќе надминела 102 денари за литар, додека бензините ќе поскапеле за дополнителни 1,5 до 2 денари.
За да се амортизира ударот, Владата постигнала и директен договор со рафинеријата ОКТА.
„Договорено е попустот да се продолжи до крајот на април – од 3 денари за дизелот по литар, а за безоловните бензини дополнителни 2 денари помалку за литар“, соопшти премиерот.
Кога ќе се вкрстат владините мерки со договорот со ОКТА, крајниот резултат за потрошувачите е стабилизација на цените. Цената на дизелот ќе остане иста како и досега (со што се амортизира потенцијално поскапување од 7 денари), додека цената на бензините од 95 и 98 октани реално ќе се намали за 2 денари во однос на изминатата недела.
„Не може да бидеме изолирани од влијанието на глобалните процеси, но делуваме и не чекаме кризата да нè прегази“, заклучи Мицкоски.

