Влада: Со Синдикатите се договоривме да ги најдеме решенијата за повисока минимална плата и за унапредување на работничките статус
Владата претставена од министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири и од советникот на премиерот за труд и социјална политика Милан Живковиќ, денеска разговараше со претставници на Сојузот на синдикати на Македонија и граѓанските синдикати што членуваат во него, а во врска со синдикалните барања за повисока минимална плата, потребата од конечно воведување на неделата како неработен ден, правото на исплата на регрес за годишен одмор, односно К-15, за јавниот сектор и за општиот колективен договор за приватниот сектор.
„Владините претставници ги изнесоа владините политички позиции за унапредување на правата и статусот на работниците во Северна Македонија без разлика од кој сектор доаѓаат и уште еднаш ги потенцираа заложбите на Владата за најбрзо обезбедување на денот недела како неработен за сите работници кои имаат потреба од остварување на тоа право, како и за покачување на минималната плата до 18.000 денари најбрзо што може во 2022 година, а со цел покачување до 20.000 денари до крајот на мандатот“, информираат од Влада, преку писмено соопштение до медиумите.
„Министерот Шаќири во име на Владата потенцираше дека обврска на Владата е да го слушне и разбере гласот на работникот и дека оваа Влада секогаш ќе биде отворена и ќе излегува во пресрет на барањата на синдикатите. Министерот изрази целосна подготвеност за реализација на циклус разговори меѓу Владата и социјалните партнери со цел најдат најсоодветни и изводливи решенија за унапредување на статусот на работниците, вклучувајќи и покачување на минималната плата“, дополнуваат надлежните.
Владата и синдикатите се согласиле работна група да ги прибере сите потребни податоци со цел детална разработка на можните оперативни решенија за зацртаните социјални цели, најдоцна до 20 јануари 2022 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа