Владата се огради од ставовите на директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, поврзани со Ратко Младиќ, оценувајќи дека станува збор за личен и неприфатлив став.

Од Владата за ТВ21 велат дека нивната позиција се темели на меѓународно утврдените правни факти и потсетуваат дека Младиќ е правосилно осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства.

„Ратко Младиќ е правосилно осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства од надлежниот меѓународен суд“, наведуваат од Владата.

Оттаму нагласуваат дека ставот на Китановиќ е негов личен став и дека не е прифатлив за Владата.

„Владата ги гради ставовите врз основа на интересот на државата и граѓаните. Кога таквиот став е изграден, тогаш истиот се почитува од страна на сите поединци во Владата“, велат од „Илинденска“.

Од Владата додаваат дека ќе побараат Китановиќ да го повлече својот став. Доколку не се согласува со политиките на Владата, од него очекуваат да се повлече од функцијата што ја извршува.

Exit mobile version