Над 50 куќи, магацински простори, визби и земјоделско земјиште се поплавени на подрачјето на Општина Ресен, откако обилните врнежи предизвикаа излевање на Болнска и Источка река во селата Царев Двор и Дрмени.

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека состојбата е сериозна и кај селото Долна Бела Црква, каде се излеала Голема Река, чиј водостој во моментов изнесува 210 сантиметри.

На терен се ангажирани сите расположливи ресурси за санација на штетите.

„Ангажирани се екипи на јавните претпријатија, „Македонија пат“, ЈКП „Пролетер“, како и приватни машини – вкупно 7 пумпи за испумпување вода и повеќе багери за расчистување и интервенции. Во населбата Црквиште се користат сите расположливи пумпи за санација на поплавените објекти“, велат од ЦУК.

Од таму додаваат дека состојбата будно се следи во сите засегнати региони, вклучувајќи ги Битола, Демир Хисар, Охрид и Крива Паланка, а дежурните екипи ќе останат на терен и во текот на ноќта.

Exit mobile version