Истрајноста и единственоста на превозниците од Македонија и од целиот регион, беше клучна за Европската Унија да реагира и да донесе документ со кој превозниците ќе бидат квалификувани како “професионалци”. Тоа е она што го баравме и тоа е она што го бараа превозниците. Закажан е состанок во вторник на кој ќе се дефирнираат сите прашања и јас во координација со транспортерите ќе понудам најдобри решенија, истакна во вечерашното интервју за ТВ Сител, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.

“Европската Унија ја забрза целата процедура, тие планираа да го носат овој документ многу подоцна. Станува збор за документ од 19 страници, кој што целосно ги опфаќа новите правила на Шенген зоната и таму има еден клучен збор, каде што возачите на камиони се прифаќаат како професионалци”  што е прв пат ЕУ на тој начин да го реши проблемот и кој беше суштиниски. Беа понудени три решенија и ова беше едно од решенијата” – истакна Николоски.

Вицепремиерот потенцираше дека на состанок ќе се дефинираат сите прашања за да се излезе од оваа ситуација. 

“Овој состанок не се закажуваше речиси години дена, па се закажа за 6. февруари, а сега се помести за вторник, што мислам дека симболички многу значи. Сакам да им честитам на сите оние храбри луѓе кои што излегоа на протестите и покажаа дека проблемот е доста сериозен. Да им честитам на одлучноста и храброста. Ја имав честа да ги посетам на протестите и да ги подржам.  Тоа што беа единствени и истрајни и не успеа никој да ги скрши, не коментирам одредени други држави од регионот каде други премиери и минстри се обидуваа да ги скршат. Ние да дадовме подршка, јас, премиерот и тоа доведе до ваков потег на Европската Унија”- рече Николоски.

Тој потенцриа дека сите решенија и ставот на Владата ќе се креира заедно со транспортерите

“Ние сме во целосна координација со превозниците, се договоривме по состанокот во Брисел, заеднички да седнеме и да ги разгледаме предлозите кои што ќе дојдат од таму и мојот одговор ќе го работам заедно со нив, затоа што сакам да понудам најдобри можни решенија кои ќе одговараат на нашите транспортери. Тие се едни од основните двигатели на македонската економија и цели градови во Македонија живеат од овој сектор”- додаде тој.

Во однос на временската рамка, колку ќе траат овие разговори со ЕУ и кога најрано може да се очекува конечно решение, Николоски рече дека до ова лето би требало да се најде решение како нормално би можел да функционира транспортот.

Exit mobile version