(ВИДЕО) Спасовски вечерва на терен со полицајците: Сите граѓани да пријавуваат нарушување на јавниот ред и мир

Денеска, (03.10.2023) министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со потесното раководство на МВР, во скопската општина Аеродром ги посети полициските службеници кои спроведуваат засилени активности во функција на поголема безбедност за граѓаните од оваа општина. Засилените полициски контроли се спроведуваат на територија на цела општина Аеродром, а особено на местата каде има поголемо собирање на граѓани, како што е ТЦ Бисер, каде вечерва покрај раководните лица од МВР присуствуваа и  пратеници и претставници од локалната самоуправа.
„Присутноста на полицијата во заедницата, нејзината отвореност кон јавноста која води кон вистинско партнерство, со цел што поголема безбедност, сигурност и спокој на граѓаните, е еден од базичните принципи на работењето на МВР во овој изминат период. Притоа увидовме дека реализацијата на оваа задача која си ја поставивме во последниве шест години, не само што води кон поефикасно и поквалитетно реализирање на полициските работни задачи, туку и преку продлабочување на соработката со граѓаните, со локалните заедници, придонесува за континуирано намалување на криминалитетот во државата, кој и во овие 8 месеци е намален за 11% во споредба со лани”, истакна министерот Спасовски, додавајќи дека пред извесно време беше зголемен бројот на полициски патроли во општина Центар, а во периодов којшто следи ќе има засилени полициски контроли и присуство на полиција во општина Аеродром, со цел превенција на насилство и девијантни појави.
Посочувајќи дека денешниот настан во општина Аеродром ја покажува соработката меѓу министерството и локалната самоуправа, Спасовски рече дека целта е заеднички да се придонесе за уште поголема безбедност во оваа општина.
 
„Притоа, ова претставува уште едно манифестирање за нашиот континуиран ангажман во насока на максимална достапноста и присутност на полицијата, односно градење на полиција која ќе биде блиска до граѓаните, во нивна служба - како нивен објективен сервис во интерес на индивидуалната и колективна безбедност и сигурност. Преку начелата на отвореност и кооперативност, полицијата практично го реализира стремежот за поинтензивна инклузија на граѓаните и институциите на локално ниво во заедничко делување, на тој начин воспоставувајќи силно партнерство, кое во основа има само една цел:  подобар, сигурен, безбеден и квалитетен живот на локалната заедница. Само преку блиска, секојдневна и отворена комуникација меѓу граѓаните и полицијата можеме да целиме кон подинамично зголемување или подобрување на квалитетот на живеење, од аспект на проблематиките за кои што е надлежна полицијата. Всушност, токму блиската соработка го сочинува темелот на ефикасното превентивно делување, што дава свој позитивен ефект врз континуираното подобрување на оперативното работење на полицијата”, рече министерот Спасовски. Притоа, тој упати апел и до граѓаните да пријавуваат нарушувања на јавниот ред и мир, со цел навремена реакција од страна на полицијата.
 
„Би ја искористил оваа прилика да упатам апел и до граѓаните што поактивно да пријавуваат и алармираат за можни нарушувања на јавниот ред и мир за да може полицијата навремено да реагира, за да може да бидат преземени сите соодветни мерки -  затоа што безбедноста на граѓаните е императив. Ние секојдневно информираме за засилените активности на МВР на превентивен план, со цел   благовремено детектирање и спречување на сите горливи проблеми во локалната средина, а секако, тука се и репресивните мерки - и токму таквото комбинирано делување во полициското работење дава најдобри резултати”, истакна министерот Спасовски.

03.10.2023 - 22:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега