Словенечката полиција објави нови детали за тешката сообраќајна несреќа на приморскиот автопат, во која загинаа тројца македонски државјани – четиригодишно девојче, нејзиниот 11-годишен брат и нивната 74-годишна баба.
Полицискиот инспектор Петер Лебан од Полициската управа Копер потврди дека во „ауди А4“ со италијански регистарски таблички патувало едно семејство кое живеело во Равена, Италија. Загинатата 74-годишна жена била мајка на возачот, а двете деца негови син и ќерка.
„Загинаа мајката на возачот и неговите две деца, четиригодишната ќерка и 11-годишниот син“, појаснил Лебан.
Кој каде седел во автомобилот?
Зад воланот бил 39-годишниот татко. Неговата 33-годишна сопруга седела на задното лево седиште, непосредно зад возачот, потврди Лебан. Таа била врзана со сигурносен појас и во несреќата се здобила со полесни повреди, но поради околностите со хеликоптер била пренесена во болница.
Двете деца биле на задните седишта, но не биле врзани со сигурносни појаси, според информациите што полицијата ги соопшти денеска. Бабата веројатно била на совозачкото седишта
Таткото не бил повреден, мајката полесно
Првичните информации дека и двајцата преживеани биле повредени сега се прецизирани. Според Лебан, 39-годишниот возач не бил повреден, иако по несреќата со Брза помош бил однесен во болница. Неговата 33-годишна сопруга има полесни телесни повреди. Двајцата возрасни користеле сигурносни појаси.
Полицијата го тестирала возачот и за алкохол и за дроги. И алкотестот и брзиот тест за наркотични средства биле негативни. Истражителите сè уште утврдуваат што се случувало непосредно пред ударот и, меѓу другото, ја проверуваат и можноста возачот да заспал. Тоа засега е само една од истражните насоки, а не утврдена причина за несреќата.
Автомобилот прво ја закачил оградата, па удрил во камионот
Според досегашната реконструкција на PU Koper, 64-годишен државјанин на Босна и Херцеговина поради дефект го запрел камионот во ниша покрај автопатот. „Аудито“ кое се движело кон Копер со десниот дел најпрво ја закачило заштитната ограда, а потоа силно удрило во задниот лев дел од приколката на камионот. Возачот на камионот во тој момент бил во кабината и не бил повреден.
Точната причина зошто 39-годишниот возач ја изгубил траекторијата сè уште не е утврдена.
„Точниот тек на несреќата сè уште се истражува“, соопшти PU Koper, додавајќи дека по завршување на истрагата против причинителот ќе биде поднесена кривична пријава за предизвикување сообраќајна несреќа од небрежност. Во увидот учествувале и државен обвинител и истражен судија.
Имињата на загинатите и преживеаните засега не се официјално објавени.


