Американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа „Truth Social“ објави сопствена ранг-листа на претседателите на САД и себеси се постави во единствената највисока категорија – „најголем“.
Абрахам Линколн, Џорџ Вашингтон, Франклин Д. Рузвелт, Вудро Вилсон, Томас Џеферсон и Ендру Џексон ги смести едно скалило под себе, во категоријата „одлични“. Теодор Рузвелт, Гровер Кливленд, Џон Адамс и Џејмс Полк ги оцени како „речиси одлични“.
Меѓу „просечните“ Трамп ги стави Бил Клинтон, Џон Квинси Адамс, Џејмс Монро, Џејмс Медисон и уште неколку поранешни претседатели.
На самото дно, во категоријата „неуспешни“, ги смести Џо Бајден и Барак Обама, заедно со Џими Картер, Јулисес Грант и Ворен Хардинг.
Листата е изменета верзија на историско рангирање што магазинот „Life“ го објавил уште во 1948 година, врз основа на анкета со 55 познавачи на американската историја. Трамп ја дополнил со поновите претседатели и себеси го поставил сам на врвот.
Интересно е што од неговата верзија целосно отсуствуваат неколку од најпознатите американски претседатели, меѓу кои Џон Кенеди, Роналд Реган, Двајт Ајзенхауер, Ричард Никсон, Хари Труман и двајцата претседатели од семејството Буш.
Објавата предизвика бројни реакции на американските социјални мрежи и во медиумите, пред сè поради тоа што Трамп се рангира себеси над личности како Вашингтон и Линколн, кои традиционално се меѓу највисоко оценетите американски претседатели.


