Министерот за одбрана Владо Мисајловски ја поздрави иницијативата на американскиот претседател Доналд Трамп за мир во Украина, истакнувајќи дека конфликтот веќе четири години одзема животи и дека секоја можност за негово решавање е добредојдена.
– Ние го поздравуваме ова што го прави американската администрација и претседателот Доналд Трамп, затоа што само со оваа иницијатива може да се стигне до мир, бидејќи веќе четири години гледаме како во Украина за жал гинат луѓе – рече Мисајловски во гостување во Топ Тема на Сител телевизија.
Тој истакна дека на маргините на Минхенската безбедносна конференција имал интересна средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, при што биле отворени повеќе прашања за поддршка и помош.
– Имавме интересна средба, премиерот и ние како делегација, се отворија многу теми. Поддршката што ја даваме не е мала, како сега, така и во минатото. Гледаме што се случува на бојното поле, кои се следните чекори и што очекуваат властите во Украина. Секој ден има многу ракетни напади, особено врз Киев и други градови, снемува струја, гинат луѓе. Секоја членка на НАТО си го поставува прашањето како може да помогне. Ние веќе сме помогнале многу, но дополнително треба да обновиме тоа што претходно е дадено, и да бидеме лојален партнер и стратешки пријател – појасни Мисајловски.


