Министерството за одбрана наскоро ќе објави конкурс за прием на 300 нови војници во Армијата, најави министерот за одбрана Владо Мисајловски. Во гостување на Тема на денот на Сител телевизија, тој информираше дека се очекува огласот да биде објавен по добивањето на потребната документација од Министерството за финансии, со цел приемот да започне веќе во пролетниот рок.

– Кога ќе стигнат од финансиите сите потребни документи, ќе ги објавиме конкурсите, се надевам веќе во пролетниот рок што доаѓа, што повеќе луѓе да влезат, да се натпреваруваат меѓу себе и да бидат дел од Министерството за одбрана, односно од Армијата, вели Мисајловски.

Истакна дека интересот кај младите постои и дека офицерскиот кадар и специјалните единици се на високо ниво на обученост. Мисајловски додаде дека со зголемувањето на буџетот за одбрана ќе се создадат услови и за подобрување на статусот и примањата на припадниците на Армијата.

Exit mobile version