Билатералниот спор со Република Бугарија мора да се решава врз принципите на реципроцитет, а не преку политики на отстапки, изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, упатувајќи критики до претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Според владејачката партија, досегашниот начин на водење на надворешната политика на земјата е трајно променет.

„Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите, билатералниот спор со Бугарија треба да биде врз база на реципроцитет, а не врз база на потчинување како што сака Венко Филипче и СДС. Времето кога Македонија водеше потчинета и понижувачка политика предводена од Филипче, неговиот ментор Зоран Заев и СДС заврши“, истакна Манасиевски.

Тој се повика на расположението на јавното мислење во државата по прашањето за натамошните компромиси во евроинтегративниот процес.

Како што посочи портпаролот, „граѓаните во најголема мера даваат недвосмислена поддршка на Македонија кон европскиот пат, но исто така сличен процент на граѓани сметаат дека државата не треба да прави повеќе отстапки за да стане дел од ЕУ“.

Манасиевски ја повтори официјалната позиција на извршната власт во однос на исполнувањето на меѓународните обврски од страна на официјална Софија.

„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ цврсто стои на ставот дека европскиот пат на Македонија не треба да е еднонасочна улица, туку дека Бугарија треба да ги испорача нејзините обврски, како што се пресудите од Европскиот суд за човекови права“, појасни тој.

Од партијата обвинија за усогласеност на ставовите меѓу бугарските политичари и македонската опозиција.

„Секако, оваа државничка политика во која не прифаќаме уцени и диктати од официјална Софија, не им се допаѓа на Бугарија и на специјалниот бугарски пратеник во Македонија, Венко Филипче, кои имаат добро координирани ставови и тези кои ги пласираат во јавноста. Ваквата мекотелна политика на Филипче и СДС со потчинувачки изјави и отворени симпатии кон Бугарија нема да му донесе добро на него, но не и носи добро и на државата. Така беше и со Заев така беше и со Ковачевски, а сега истото и со Венко Филипче. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи нови понижувања во евроинтегративниот процес на Македонија“, заклучи Манасиевски.

Exit mobile version