Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција порача дека Македонија се наоѓа пред многу важен момент за нејзината иднина во период кога Европската Унија повторно го отвори процесот на проширување како врвен геостратешки приоритет.

Таа предупреди дека земјите од регионот како Црна Гора и Албанија веќе бележат сериозен напредок и нагласи дека доколку ја пропуштиме оваа шанса за членство во ЕУ, ризикуваме да станеме слепо црево на Балканот.

„Доколку не се качиме на овој европски воз сега, можно е вратите да бидат затворени со децении. Ако останеме надвор од процесот, нема да бидеме дел од новите европски буџетски рамки, нема да имаме пристап до развојни фондови и ќе продолжиме да тонеме во сиромаштија и неизвесност“, изјави Кузеска.

Според партискиот став, најголемата цена на изолацијата, корупцијата и партизираните институции на крајот ќе ја платат токму помладите генерации со најнизок животен стандард во Европа.

Поради овие причини, од СДСМ испратија директен апел до премиерот за изнаоѓање заеднички јазик околу стратешките прашања.

„Затоа претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче го повика Христијан Мицкоски на државничка одговорност. Заеднички да ги изгласаме уставните измени. Подготвени сме целосно да ја споделиме одговорноста за овој процес, како што тоа го правеле сите политички партии во државите што успешно преговарале и станале членки на Европската Унија“, децидна е Кузеска.

Од опозицијата уверуваат дека преговорите се водат директно со Брисел и дека македонскиот идентитет, јазик и култура се заштитени и во ниту еден случај не се загрозени со овој чекор.

Исто така, Кузеска упати критика во однос на користењето на меѓународните предлози како блокада за понатамошните чекори на државата.

„Мицкоски да не го користи нон-пејперот на Мерц како дополнително алиби и изговор да не се направат следните чекори, кои што како што сите укажуваат, не може да бидат променети. Мерц не вели дека реформите не се потребни – напротив, овој предлог е само порака која треба да ги мотивира земјите кандидати да работат побрзо и поефикасно“, појасни таа.

На крајот, од СДСМ јасно се дистанцираа од какви било предлози кои би понудиле нецелосно интегрирање во ЕУ.

„СДСМ не се согласува со предлогот за придружено членство без полноправно членство во Европската Унија. Ние бараме целосно членство во Европската Унија. Да ги внесеме малцинствата во уставот, да ги изгласаме уставните измени, за иднината на младите и иднината на државата. Малцинства во Уставот сега. Европа сега!“, стои во интегралниот говор.

Exit mobile version