Членката на Извршниот одбор на СДСМ, Наташа Поповиќ, на денешната прес-конференција упати остри критики до економските политики на Владата, обвинувајќи за неконтролирано трупање нови долгови на сметка на граѓаните.

Таа потенцираше дека последното задолжување од 260 милиони евра кај домашните банки со висока камата покажува дека фискалниот капацитет на државата сериозно се доведува во прашање.

„Со Мицкоски на власт се случува економска катстрофа и финансиски крах. Буџетот е во криза, снемува пари – власта неконтролирано се задолжува и трупа нови долгови за своите криминални тендери. Последното барање на Владата за ново задолжување од 260 милиони евра, е уште еден доказ за дилетантскиот однос на Мицкоски. Побараа 300 милиони евра од банки, но банките одобрија само 260 милиони евра со висока камата од 4,5%. Ова значит само едно – и банките се сомневат во фискалниот капацитет на државата“, изјави Поповиќ.

Од СДСМ реагираат дека државата нема реални мерки за справување со инфлацијата и ценовните шокови, додека синдикалната кошничка достигна рекордно ниво.

Според партиските наводи, во индустријата се губат работни места, се доцни со повратот на ДДВ кон компаниите, а нивото на јавниот долг веќе влегува во критична фаза.

„Дефицитот се продлабочува – 85 % реализација на планираниот дефицит уште во мај – затоа фрчат нови задолжувања, нема пари во буџетот. Ова е економски распад. Наместо промена на политиката, владата на Мицкоски трупа само нови долгови, ја турка земјата во должничко ропство. Нивото на јавниот долг влегува во црвена зона – 11 милијарди евра е во моментов долгот. За две години оваа влада генерираше нов долг од 2,5 милијарди евра – долг што ќе го враќаат идните генерации“, истакна таа.

Поради овие причини, опозициската партија најави радикализација на своите чекори во рамките на законодавниот дом.

Поповиќ објави дека социјалдемократите нема да дадат легитимитет на овие процеси во собраниските тела и најавуваат правни процедури.

„Затоа СДСМ се спротистави на ова ново задолжување. Нема да учествуваме во Комисијата за финансирање и буџет, а најавивме кривична пријава и интерпелација за претседателот на Собранието. Мицкоски и неговата криминална организација ВМРО катастрофално ја водат државата а цената за тоа ја плаќаат граѓаните, со празни џебови и празни фрижидери“, порача Поповиќ.

Exit mobile version