Тело на 20-годишен португалски државјанин е пронајдено утрово на плажа во Ксамил, Албанија, по претходна крвава пресметка во ноќен клуб.
Албанските власти соопштија дека за убиството е уапсен 29-годишниот Сократес Вата, кој бил пронајден во багажник на автомобил со кој двајца турски државјани се обидувале да го превезат до Тирана и да му помогнат да побегне.
Полицијата досега испрашала 41 лице во врска со настанот, од кои 11 се формално уапсени под сомнение за учество во конфликтот или помагање на сторителот.
Според резултатите од истрагата, тепачката започнала во ноќен клуб во туристичкиот комплекс по расправија за девојка, каде што Португалецот се обидел да спречи конфликт, но бил нападнат од повеќе лица.
За време на нападот, осомничениот Вата му нанел смртоносни повреди со остар предмет во пределот на грбот и градите, по што жртвата била оставена на плажата.
Во инцидентот наводно учествувале и вработени во клубот, а полицијата ја испитува и одговорноста на работниците од обезбедувањето кои не реагирале и не го пријавиле случајот.
Осомничениот Сократес Вата има дебело полициско досие, а британските власти претходно го бараа поради прекршоци со наркотици и бегство од полициска контрола.
Обвинителството и полицијата продолжуваат со истражните дејствија за целосно разјаснување на сите околности околу трагичниот настан.
Vrasja në Ksamil/ Në automjetin ku u arrestua Sokrat Vata ishte një femër turke dhe një i tretëhttps://t.co/MavL5zb63G pic.twitter.com/vIlvUXv6CF
— NOA (@noanews) August 18, 2026


