(ВИДЕО) Груевски: Македонците во Албанија да се попишат тоа што се чувствуваат во душата

Поранешниот премиер и побегнат во Будимпешта, Никола Груевски преку својот Фејсбук профил ги повика Македонците во Албанија да се попишат, како што напиша, онака како што се чувствувале во душата.
 
„Деновиве започна пописот во Албанија. Добив загрижачки пораки од Македонци во Албанија кои кога ги читам единствено ме потсетуваат на состојбите во Македонија во 19. и првата половина на 20. век. Просто е неверојатно како историјата се повторува. И не само во овој случај, туку многу пошироко.
Информациите од теренот говорат дека официјални и неофицијални преставници на други држави дејствуваат на теренот помеѓу македонското население со пропаганда, но и со разни уцени за што поголем дел од Македонците да не се попишат како што реално се чувствуваат - македонци, туку како припадници на една друга нација различна и негаторска кон македонската, со која имаме сличности, им посакуваме се најдобро, но сме далеку од иста нација.
Ние сме свесни дека како и во Македонија, така и во Албанија, многумина македонци земаа пасоши на една друга земја исклучиво од економски потреби во услови на тешка економска состојба, а не реално заради самочувство на припадност кон таа нација. Тие и потоа си останаа со истото самочувство - македонско, и си говорат ист јазик- македонскиот. Тоа го знам и лично од моите посети на Мала Преспа, Голо Брдо и Тирана каде се среќавав со многумина од Вас Македонците во Албанија“, пишува Груевски на ФБ.
 
„Затоа, како поранешен премиер на Република Македонија и поранешен водач на партијата која е заштитник на македонските национални интереси - ВМРО-ДПМНЕ, мојата порака и охрабрување до сите македонци во Албанија е:
Пишете сѐ тоа што се чувствувате во вашата душа. Не правете компромиси со чувствата по никоја цена, со нешто за што нашите предци во далеку потешки услови и кога воопшто Македонија не постоела како држава, дури ни Албанија - опстојале, издржале и не потклекнале.
Знам дека не ви е лесен животот. Но, не дозволувајте да се пишете таму каде не морате она што не сте, и она што целиот живот ќе ви ја подрива совеста и сами од себе ќе чувствувате срам и грижа на совеста.
На последниот попис во Албанија во 2011 година ниту еден, повторувам НИТУ ЕДЕН граѓанин на Р. Албанија не се пишал по националност тоа што некои луѓе сега се обидуваат вас да ви извршат влијание да се попишете, користејки нечесни методи.
Останете чесни кон себе и своите семејства, кон своите наследници, кон своите предци, кон заедницата и најважно: кон своето длабоко самочувство, свест и совест“, се наведува во објавата на Груевски.
 
„Да живее Македонија,
Да живеат Македонците кои странските пропаганди не успеајасо векови и нема да успеат да ги скршат и да им го згазат достоинството!
Да живеат македонците во Албанија и насекаде низ светот!“, порача поранешниот премиер на крајот од својата објава.

24.09.2023 - 12:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега