Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето против Фатон Љури (25), обвинет за прегазување на Југослав Николовски (68) на пешачка патека на кејот на Вардар во јули годинава, управувајќи мотор без дозвола.

Рочиштето беше одбележано со правна расправа околу доказите на одбраната и емотивен исказ на сопругата на починатиот.

Јавната обвинителка побара да се одбијат доказите за казнена евиденција и дополнителното сообраќајно вештачење предложено од одбраната.

Обвинителството смета дека доказите (за семејни прилики, психијатриско вештачење на вонбрачната партнерка) се нерелевантни за утврдување на вината и санкцијата, бидејќи фактите се веќе утврдени со признанието на вина од страна на Љури.

„Околностите што влијаат на казната се врзани за личноста на сторителот, а не за лица од неговото семејство“, нагласи обвинителката, додавајќи дека Судот треба да ја цени состојбата и траумите на семејството на жртвата.

Обвинителството повтори дека нивното вештачење јасно наведува оштетениот нема придонес во незгодата.

Бранителот на Љури, адвокатот Гоце Ристески, изјави дека сите доставени докази (степен на одговорност, семејни прилики, имотно-правни околности) се однесуваат исклучиво на одредување на висината на кривичната санкција, а не на оспорување на фактичката состојба.

По разгледувањето на приговорите, Судот донесе решение со кое делумно го прифати приговорот на Обвинителството – прифати дел од доказите за определување на санкцијата, но го одби техничкиот извештај на одбраната.

На расправата сведочеше сопругата на починатиот, Јасминка Николовска, која посочи дека истиот ден кога се случила несреќата, семејството дознало дека една од нејзините две ќерки е бремена, вест која наместо радост, се претворила во траума.

Ќерката на покојниот, Маја Бошковска, по рочиштето изјави: „Татко ми беше несмасно, смртно прегазен на пешачка патека, место кое треба да претставува симбол на безбедност. Затоа навистина се надеваме дека ваков невнимателен, опасен начин на управување со возило мора најстрого да се санкционира“.

Exit mobile version