Сообраќајот на сите државни патишта низ државата се одвива непречено и по безбедни коловози. Од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) информираат дека поради врнежите од снег со слаб интензитет во Струмица, Крушево и на планинскиот превој Ѓавато, се препорачува зголемена внимателност при управување со возилата.

Екипите на ЈП „Македонија пат“ се на терен со потребната механизација и работна сила, вршејќи континуирано расчистување. Активностите се координирани со ЈП за државни патишта и Министерството за транспорт.

„Покрај внимателно и совесно управување со возилата, се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина согласно условите на патните правци“, соопштуваат од АМСМ.

Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини нема подолги задржувања. Посебна претпазливост се советува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево поради можна појава на одрони.

Потсетуваме дека законската обврска за поседување зимска опрема во возилата е на сила и ќе трае до 15 март 2026 година.

Exit mobile version