Цената на нафтата на светските берзи денеска бележи пад, но барелот „брент“ и натаму се тргува над границата од 100 долари.
Нафтата „брент“ се движи околу 101,6 долари за барел, со пад од околу половина процент, додека американскиот WTI се тргува околу 90 долари за барел, со намалување од околу еден процент.
На пазарите влијаат очекувањата за поголема понуда на сурова нафта, откако извозот од Блискиот Исток бележи зголемување, а земјите од Г7 најавија ослободување на дел од стратешките резерви.
И покрај падот, цените остануваат на високо ниво поради неизвесноста околу состојбите на Блискиот Исток и ризиците за глобалното снабдување со нафта.
Движењето на светските цени на нафтата е еден од факторите што влијаат и врз формирањето на цените на горивата на домашниот пазар.

