Основното јавно обвинителство Битола, во соработка со Истражниот центар при обвинителството и СВР Битола, открило добро разработена шема за измама на граѓани преку лажни сообраќајни несреќи. Случаите се поврзани со телефонски броеви регистрирани во Романија.

Од ОЈО Битола информираат дека во последните два-три месеци на подрачјето на Битола биле измамени повеќе од десет граѓани, од кои биле одземени вкупно над 60.000 евра и други вредни предмети. Особено зголемување на ваквите настани е забележано од почетокот на февруари, кога се регистрирани веќе шест слични случаи.

Начинот на извршување на измамите е речиси идентичен во сите предмети. Оштетени се претежно повозрасни лица кои добиваат телефонски повик дека некое нивно блиско лице е тешко повредено во сообраќајна несреќа и дека итно се потребни пари за сложена операција. Во другата варијанта, измамниците тврдат дека блискиот на оштетениот предизвикал сообраќајна несреќа со тешки последици и дека парите се потребни за да се избегне затворска казна.

Исплашени и доведени во заблуда, оштетените се согласуваат да предадат различни суми пари, од неколку десетици илјади денари до над 20.000 евра, како и златен накит и други вредни предмети. Средствата им се предаваат на лица ангажирани преку огласи на Фејсбук, на различни локации во Битола. До овој момент, ОЈО Битола поднело обвинение против четири лица кои се гонат како соизвршители, бидејќи директно ги преземале парите од измамените граѓани.

Истражната постапка покажува дека парите потоа се пренесуваат кај засега непознато лице во Бугарија. Заеднички елемент во сите случаи се телефонските броеви од Романија кои се користеле за контакт со оштетените.

Основното јавно обвинителство Битола поднело и барање за меѓународна правна помош до надлежните органи во странство со цел откривање на сторителите. Во меѓувреме, истражните органи апелираат до граѓаните да не потпаѓаат на вакви измами и да не предаваат пари „на рака“ на лица кои не ги познаваат.

Exit mobile version