Потпретседателот на СДСМ, Александар Трајановски, во интервју во емисијата „360 Степени“ нагласи дека намерата на власта за носење мигранти или т.н. „економски работници“ во земјата е разобличена и со законските измени за олеснување на вработувањето на странски работници, што како што посочи, е всушност прикривање на влезот на мигранти во земјата.
„Се води кон тоа. Дали ќе ги крстиме економски работници или мигранти, се води кон тоа. Пак ќе бидат одбиени луѓе од Обединетото Кралство, кои тука ќе ја земат работоспособноста на нашите работници. И од таму е тоа стопирање за покачување на минималната плата за нашите работници“, изјави Трајановски.
Тој додаде дека веќе има примери каде домашни работници се отпуштаат, а за сметка на тоа се задржуваат странските работници.
„Законот во Собрание се донесе за олеснување на економските работници за 2026 година. Бехтел и ЕНКА отпушта наши работници, а странските работници ги задржуваат. Дали се тоа мигранти или ќе ги прошверцува Владата како економски работници, тоа за мене е исто“, истакна Трајановски.
Во интервјуто, Трајановски посочи дека темата за мигрантите не ја отвори СДСМ, туку реномирани британски медиуми, а Владата на ВМРО-ДПМНЕ до ден-денес не покажа транспарентност кон јавноста и избегнува да даде јасни одговори пред граѓаните дали се водат преговори за прифаќање мигранти во државата.
„Темата за мигрантите не ја отвори СДСМ, ја отворија реномирани медиуми во Лондон, кои ја отворија темата и дека се отвора таа тема, пари за мигранти. Ние само баравме одговор од власта да каже што се случува, дали навистина има таков договор“, рече Трајановски.
Тој додаде дека наместо одговори, власта реагираше со панични потези за да се избегне дебата за ова прашање.
„Што добивме ние? Декрет за забрана во Собранието да се зборува на таа тема, кој беше панично донесен со цел да не се навлегува воопшто во таа тема. Иако ние поднесовме и резолуција со цел да се стави крај на оваа тема, да нема никакви шпекулации, ниту во еден момент владејачката партија не демантираше“, истакна Трајановски.


