Оваа влада е лицемерна и нема чувство кога се во прашање приоритетите и потребите на граѓаните, нагласи потпретседателот на СДСМ, Александар Трајановски, во интервју во емисијата „360 Степени“.
Трајановски посочи дека додека граѓаните се соочуваат со се потешки услови за живот, со цени кои секојдневно растат и допрва ќе растат со последните поскапувања на горивото, власта зборува за сосема погрешни приоритети и нема слух за 600 евра минимална плата.
„Кое е тоа лицемерие, да се зборува за потреба од купување владин авион, а од друга страна да се прават слепи пред работниците. Да се прават слепи на барањата за минималната плата, и во исто време да нарачуваат манго и папаја“,рече Трајановски.
Тој додаде дека секогаш кога државата ќе влезе во инфлација или кога ќе станат неподносливи условите за живот на граѓаните, владата е должна да ги искористи сите механизми за да им помогне на граѓаните, како што тоа го правеше владата на СДСМ во првите години од мандатот, но и во најтешките кризи.
„Ако зборуваме за минималната плата, се гледа целото лицемерие на ВМРО-ДПМНЕ. Ние во првите две години од нашето владеење од 8.000 ја покачивме минималната плата на 14.600 денари, што е околу 60% зголемување. Потоа се боревме и со ковид-криза и со енергетска криза и стигнавме до 23.000 денари. Разликата од тоа време и кризи и ова време сега не може да се спореди. Така што целото владеење на оваа влада има една надолна линија“, рече Трајановски.


