Климатските промени веќе имаат сериозни последици врз земјоделството, инфраструктурата и секојдневното функционирање на општествата, порача европратеникот и известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц, на седницата на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ–Северна Македонија.
Тој посочи дека последните топлотни бранови, сушите и пожарите покажуваат дека екстремните временски услови стануваат сè почести и во делови од Европа каде што досега не биле вообичаени.
Според Вајц, покрај намалувањето на емисиите, неопходно е општествата да се подготват за климатските промени што веќе се случуваат. Тој предупреди дека високите температури влијаат врз здравјето, земјоделството, транспортот и инфраструктурата.
Вајц се осврна и на потенцијалот на Северна Македонија за развој на природниот туризам. Тој ја истакна природата и националните паркови како можност за привлекување туристи и економски развој на локалните средини.
На седницата, пратеничката Драгана Арсова говореше за напредокот во усогласувањето на македонското законодавство со европските стандарди во областа на животната средина.
Таа посочи дека во 2026 година мониторинг-мрежата за квалитет на воздухот е проширена со мерна станица во Штип, со што бројот на автоматски мерни станици достигна 23.
Арсова информираше и за активностите во управувањето со отпадот, заштитата на природата и климатската политика. Според неа, се работи на нов Закон за природа, а идентификувани се и 24 потенцијални подрачја за идната мрежа „Натура 2000“, кои опфаќаат околу 12 проценти од територијата на државата.
Во делот на климатската политика, таа посочи дека Владата го усвои Предлог-законот за климатска акција, со кој се предвидуваат механизми за следење и контрола на емисиите и поставување основа за долгорочна климатска неутралност.


