Руиниран и напуштен објект на улицата „Петричка“ во Маџир Маало е отстранет, а просторот околу него е целосно расчистен, информираат од Општина Центар.
Од општината посочуваат дека станувало збор за импровизирана градба која подолг период била напуштена и претворена во место за одлагање отпад. По инспекциската проверка било утврдено дека објектот претставувал ризик за безбедноста и здравјето на граѓаните, по што бил отстранет и расчистен насобраниот шут и отпад.
Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, вели дека ваквите локации се меѓу проблемите со кои се соочува општината, особено поради нерешените имотно-правни односи кај дел од старите објекти.
Од Општина Центар апелираат до граѓаните да пријавуваат напуштени и руинирани објекти, како и локации на кои се создаваат диви депонии, за надлежните служби да можат навреме да реагираат.


