Летните температури ќе се задржат уште неколку дена, но од почетокот на следната недела времето ќе почне да добива есенски карактер. Според долгорочната прогноза, денеска и утре максималната температура ќе достигнува до 33 степени, а во недела околу 32.
Позначително заладување се очекува од вторник. Дневната температура ќе се спушти на околу 25 степени, а во среда и четврток на 24 до 25 степени. Уште позабележителен ќе биде падот на утринските температури, кои од сегашните 13 до 14 степени ќе се спуштат на само 6 до 7 степени.
До крајот на септември не се очекува враќање на големите жештини. Максималните температури главно ќе се движат меѓу 24 и 27 степени, а утринските од 9 до 11 степени.
Прогнозата засега покажува претежно сончево и стабилно време, па есента ќе пристигне со посвежи утра и значително попријатни дневни температури, но без подолг период на дождливо време.


