Левица влегува во законска битка со власта за намалување на боледувањето. Најавата на директорот на ФЗОМ Златко Перински дека т.н. основно боледување од седум, ќе се намали на пет дена, а дополнително ќе се спроведува контрола на корисниците на боледувањето, за партијата на чие чело е Димитар Апасиев е нов удар врз работничките права. И, што е уште пострашно, обид за продирање во приватноста на граѓанинот.
Пратеникот Амар Мециновиќ од прес центарот на законодавниот дом најави дека нивната пратеничка група ќе поднесе предлог, наместо со правилник, ова прашање да биде законски регулирано, во полза на работниците. Затоа што, како што потенцираше – Левица како парламентарна партија има обврска да се грижи за потребите на граѓаните – и тоа ќе го прави со поднесување на предлози во Собранието за заштита на нивните права.


